Терапевтските ќебиња во сензорната интеграција

ШТО е тоа ќебе со тежина или терапевтско ќебе?

Тоа се ќебиња полнети со специјални ситни еколошки суровини од пластика,стакло или пелети. Најпрепорачливи се стаклените топчиња бидејќи се антиалергиски и најдобро се распоространуваат на површината.Тежината која предизвикува притисок врз телото треба да е 10% од телесната тежина.

КАКО делуваат ?

Ќебињата со тежина или терапевтските ќебиња предизвикуваат притисок врз телото. Преку физичкиот пристисок врз телото се постигнува ефект на длабок притисок. Длабокиот притисок допринесува за дополнителна стимулација на мускулите и зглобовите кои се дел од проприоцептивниот систем во телото на луѓето. Овој систем претставува сензорен модалитет кој обезбедува повратни информации за состојбата на сопственото тело, укажува на тоа дали телото се движи со потребните напори, како и каде различните делови од телото се наоѓаат еден во однос на друг.

Сензорна стимулација и интеграција

Image for post

Седумте сетила

Под сензорна стимулација подразбираме избор на предмети и активности кои влијаат врз едно или повеќе сетила. Сензорната стимулација треба да започне од моментот на раѓање . Преку сензорните стимулации мозокот добива сензорни информацииИнформациите се обработуваат и се создава слика за тоа што е презентирано. Невролошкиот процес во кој се организираат информациите или сетилните дразби од сопственото тело и надворешната средина и кој ни овозможува ефикасно користење на телото во околината е сензорна интеграција.

Image for post

Всушност преку добивање различни информации ние се запознаваме со околината во која се наоѓаме и соодветно реагираме на ситуациите. Најдобар начин на сензорна стимулација е кога истовремено се активираат две или повеќе сетила. Тогаш во мозокот се создава поцелосна слика (енграм) и како таква е полесна за меморирање. .

Овие ќебиња со својот изглед делуваат како важна сензорна информација која доаѓа од сетилото за вид, а поради својата тежина делуваат стимулативно врз сензорните модалитети (проприоцепција и допир).

КОГА се употребуваат ќебињата?

Понекогаш во телото може да постои проблем со кодирањето на сензорните информации. Ова пореметување е познато како сензорно-интегративна дисфункција или SID.

Оваа состојба може да влијае на ограничување на способностите за

– насочување кон задачите,

– изведување координирани моторни активности,

– планирање и секвенционирање нови задачи,

– развивање социјални релации,

– извршување задачи поврзани со грижата за себе,

– учество во семејните активности

– извршување задачи во воспитно-образовни установи

Во однос на способностите и вештините поврзани со воспитно образовните установи, нарушувањата на сензорното интегрирање се одразуваат на способноста за исправено седење во клупата, одржување на вниманието, грубата и фината моторика, пишувањето, следењето налози, самостојното извршување на серии од задачи, координацијата око-рака, играта и релациите со врсниците и сл.

Кога постои Сензорно интегративна дисфункција потребна е Сензорно интегративна терапија (СИТ), особено во раниот детски развој.

Многу често терапевтите кои работат според принципите на Сензорната интегративна терапија (СИТ) даваат насоки за спроведување активности кои во себе содржат стимулација на сензорните модалитети. Гушкање играчки, активности со движење, гушкање ќебиња, допир на различна тексура, покривање со тешки ќебиња се само дел од активностите кои се препорачуваат особено за децата кои имаат сензорно интегративна дисфункција на системот за проприоцепција и допир.